
Лидерите на неколку европски држави денеска (17 февруари)се собираат во Париз за да договорат заедничка позиција за Украина пред администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп.
Средбата се одржува во време кога администрацијата на Трамп остро ја критикува ЕУ и има намера директно да преговара со Русија за ставање крај на војната во Украина.
Францускиот претседател Емануел Макрон ќе биде домаќин на претставници од водечките европски држави, потврди францускиот министер за надворешни работи Жан-Ноел Баро.
Елисејската палата соопшти дека средбата е неформална и ќе се одржи попладнево, а на неа ќе присуствуваат лидерите на Германија, Велика Британија, Италија, Полска, Шпанија, Холандија и Данска, како и претседателката на Европската комисија и генералниот секретар на НАТО Марк Руте.
„Целта е да се утврди што можат Европејците сами да сторат за себе, имајќи го предвид забрзувањето на настаните во Украина по иницијативите на претседателот Трамп“, изјави советник на Макрон. Тој нагласи дека Европа мора да преземе повеќе одговорност за сопствената безбедност.