СДСМ поднесе закон за намалување на ДДВ за струја од 18 проценти на 5 проценти и укинување на ДДВ на храната

Пратеничката група на СДСМ и коалицијата до Собранието денеска поднесоа Предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за ДДВ, со кој бараат намалување на данокот за електричната енергија од 18 проценти на 5 проценти и укинување на ДДВ за основните прехранбени производи, односно негово намалување од 5 проценти на 0 проценти.
Како што информира на денешната прес-конференција пратеникот на СДСМ Фатмир Битиќи, со овие предлог-измени бараат системска реализацијата на две од седумте економски мерки на СДСМ.
-Намалувањето на ДДВ за електричната енергија ќе значи 13 проценти пониски сметки, односно поевтина струја за над 600 илјади домаќинства. За сметка од 3.000 денари, граѓаните ќе заштедат околу 400 денари – износ што, наместо да оди во државниот буџет, ќе остане во семејните буџети. Додека пак, укинувањето на ДДВ за основните прехранбени производи ќе донесе до поевтинување на храната, односно намалување на цените на основните прехранбени производи за 5 проценти, рече тој.
Битиќи нагласи дека и покрај тоа што со месеци Владата ветуваа мерки за намалување на цените, гледаме, како што рече, целосен дебакл на владините политики.