Зеленски: Украина нема да учествува на разговорите во Саудиска Арабија меѓу САД и Русија

Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска изјави дека Украина нема да учествува во разговорите за ставање крај на војната во таа земја што оваа недела се одржуваат во Саудиска Арабија меѓу САД и Русија.
„Нема да учествуваме бидејќи не знаевме ништо за тоа. Сметаме дека сите преговори за Украина без Украина се преговори без резултати и не можеме да признаеме какви било договори што нѐ засегаат и во кои не учествувавме“, рече Зеленски, пренесе Ројтерс.
Тој додаде дека сепак ќе ја посети Саудиска Арабија во среда како дел од официјалната посета. Зеленски рече дека сака пратеникот на американскиот претседател Доналд Трамп за Украина, Кит Келог, да ја посети линијата на фронтот во Украина и да разговара со украинските војници.
„Ќе можеме појасно да зборуваме за датумот на посетата на Трамп на Украина по посетата на Келог на Украина“, додаде украинскиот претседател.