ВМРО-ДПМНЕ: Само кај нас нема вакцини за Ковид-19

Заев ја остави земјата без вакцини, народ умира по болнички ходници, реагираат денеска од опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Во партиската реакција се додава:
„Зоран Заев наместо да се фати за работа, оди по соседството и се моли за вакцини. Вакцини не доби од Грција, не доби ниту од Бугарија, а вакцината која како милостиња му ја даде Вучиќ уште не е стигната ниту во Србија, а Заев побрза да се пофали дека измолил вакцини кои друг ги договорил, нарачал и платил.
Да го послушаше Заев ВМРО-ДПМНЕ требаше да стапи во контакт со светските производители уште при крајот на претходната година, кога тоа го правеа сите земји од регионот и светот. Но, тогаш Заев се надеваше на донации и наместо да се фати за работа тргна да моли.
Вакцини сега пристигнуваат секаде, само нема во Македонија. Регионот забрзано се вакцинира, а Заев ги лиши нашите граѓани од правото да се вакцинираат.
Бараме веднаш да запре со циркусот и да се фати за работа. Доколку не може да испреговара за вакцини нека побара помош, чесно е да каже дека е неспособен“, стои во реакцијата.