
Нешто пред 9 часот по наше време започна состанокот меѓу Русите и Американците во Ријад – Саудиска Арабија.
Руското Министерство за надворешни работи на својот профил на социјалната мрежа Икс објави фотографија од средбата.
Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров и советникот на Путин за надворешни работи Јуриј Ушаков вчера пристигнаа во главниот град на Саудиска Арабија. Ушаков рече дека разговорите ќе бидат билатерални и нема да вклучуваат украински претставници.
Како што информира портпаролката на Стејт департментот, Тами Брус, во американската делегација се државниот секретар Марко Рубио, советникот за национална безбедност Мајк Волц и специјалниот пратеник Стив Виткоф.
Американската страна нагласи дека денешната средба не е за започнување преговори, туку за утврдување дали Русија е сериозна за завршување на војната во Украина.
Русија вели дека нејзин приоритет е да започне нормализирање на односите со САД.