
Францускиот претседател Емануел Макрон соопшти дека денеска организира уште еден состанок со претставници на „неколку европски и неевропски држави“ за Украина. Ова следи по средбата во понеделникот, на која учествуваа мал број клучни земји, како и лидерите на Европската Унија (ЕУ) и НАТО.
Според француски дипломатски извори, меѓу учесниците се шефови на држави и влади од Грција, Финска, Романија, Шведска, Белгија, Чешка, балтичките земји, Норвешка и Канада, а некои лидери ќе се приклучат преку видео врска, вклучително и грчкиот премиер. Се очекува Макрон да се консултира со сите лидери на ЕУ до крајот на неделата.
Во интервју за неколку француски регионални медиуми, Макрон оцени дека американскиот претседател Доналд Трамп може „да иницира корисен дијалог со рускиот претседател Владимир Путин, но истовремено создава стратешка двосмисленост, што му овозможува на Путин да ја искористи неизвесноста за вршење притисок“.