Уставен ќе расправа по иницијатива за оценување на стажот на обвинителите во периодот на нивното членување во Советот на јавни обвинители

Уставниот суд денеска на седница ќе расправа по предметот во кој е оспорена одредба од Деловникот за работа на Советот на јавни обвинители, а се однесува на оценување на стажот на јавните обвинители во периодот на нивното членување во Советот на јавни обвинители.
Во иницијативата, која е поднесена од обвинителката Ленче Ристоска, наведено е дека мандатот на членовите на Советот избрани од страна на јавните обвинители влегува во позитивно оценет јавно-обвинителски стаж освен во случаи предвидени во член 35-а од Законот за Советот на јавните обвинители.
Во иницијативата е посочено дека оспорената одредба е во спротивност со Амандманот XXX од Уставот, членот 7 од Законот за Совет на јавни обвинители и членовите 36 и 62 од Законот за јавното обвинителство.
Подносителката наведува дека за времетрањето на мандатот, членовите на Советот на јавни обвинители избрани од редот на јавните обвинители не вршат јавно-обвинителска функција и не може да бидат оценувани, односно тие во конкретниот период не може да реализираат „позитивно оценет јавно-обвинителски стаж”.