
Трговската комора на големо и мало не се согласува со вчерашната одлука на Владата за одредување маржи за 102 групи производи. Како што велат, со овие мерки не се заштитуваат социјално ранливите граѓани, туку најголем бенефит ќе имаат клиентите со повисоки примања. Како пример ја даваат групата месни производи за кои сметаат дека се луксуз. Велат и дека и покрај најавите на Владата дека се работи за околу 1.000 производи, всушност, според нив, на списокот има околу 3.000 до 4.000 производи. Со ваквите забрзани одлуки се нанесува значителна штета на околу 1.085 продавници со околу 9.000 вработени, велат од оваа Комора. Повторно бараат средба со премиерот и министерот за економија за да се разгледаат последиците од овие одлуки.
„Само манипулативните трошоци се минимум 12-15%, вклучувајќи плати, придонеси, индустриска енергија, а ако ги вклучиме кириите и кредитите стануваат +5%. Бараме Владата покрај трошковната маржа да ги земе предвид и трошоците над набавната цена. Ние како трговци би биле задоволни само со 5% профитна маржа. Трговците не бараат да заработат многу и не можат да работат со загуба“, велат од Стопанската комора.
Маржите не ги поддржува ниту СДСМ. Велат оваа мерка е половична и задоцнета. Наместо маржи, бараат да се прифатат нивните предлози за намалување на ДДВ-то на струјата и укинување на ДДВ на над 200 групи производи.
Владата вчера донесе одлука за одредување маржи од 5 до 15 проценти за различни групи производи. Определена е маржа од 5 отсто за основните производи како леб, брашно тип 400 и 500, млеко, јајца, масло за јадење, јогурт и кисело млеко.
Одредена е маржа од 10 проценти за 55 производи, меѓу кои месо, шеќер, млечни производи, путер, конзервирано овошје и зеленчук, грав, ориз, тестенини и други.
Беше поставена маржа од 15 проценти за 39 производи, меѓу кои хигиенски производи, свежо овошје и зеленчук, храна за бебиња, детергенти и други.
За првата група со маржа од 5 отсто, исто така, беше одлучено да има непроменети максимални цени, како што беа на 1 февруари. Оваа мерка важи од денеска, а ќе трае до 30 април..
Зекирија Хаџиу