
Освојувачот на ракометниот Куп на Македонија, Алкалоид ќе се сретне со Баја Маре од Романија во четвртфиналето од ЕХФ Европскиот куп.
Ждрепката беше одржана денеска, а нашиот претставник може да биде задоволен бидејќи го избегна најголемиот фаворит за трофејот АЕК. Алкалоид би требало да гостува на првиот меч, а ќе го пречека Баја Маре во реваншот.
Тимот на Баја Маре во моментов е четвртопласиран во романското првенство со 35 бода, 14 помалку од лидерот Динамо Букурешт и со биланс од 11 победи, 3 порази и два нерешени резултати. До четвртфиналето во ЕХФ Европскиот куп стигна на мошне интересен начин.
Во второто коло го победи косовскиот Раховеци како гостин со 38-31 за потоа на домашен терен да загуби со пет разлика, а во осминафиналето два пати тесно го совлада финскиот БК-46 со тоа што двата меча ги играше минатиот викенд на гостински терен.
Натпреварите се играат на 22/23 и 29/30 март, а полуфиналето е на програмата кон крајот на април.