Истражувачите открија: Марс некогаш имал океан со песочни плажи!

Марс можеби не изгледа како идеална дестинација за одмор со својата сува површина и силна радијација, но некогаш имал плажи, пишува „Гардијан“.
Иако претходните истражувања идентификуваа долински мрежи и седиментни карпи, што укажува дека на Марс некогаш имало реки, научниците дебатираа дали таму постоеле и океани.
Сега, истражувачите тврдат дека имаат нови докази што ја поддржуваат оваа хипотеза, откако откриле закопани плажи на Марс.
Во труд објавен во „Proceedings of the National Academy of Sciences“, научниците објаснуваат дека откритието било направено преку анализа на подземни снимки добиени од кинескиот ровер Журонг.
„Журонг беше испратен во јужниот дел на Утопија Планитија, во близина на локации каде што од сателитски податоци беа картографирани древни брегови“, изјави д-р Бенџамин Карденас, соавтор на истражувањето од Универзитетот Пен Стејт.
Истражувачите велат дека резултатите од северните низини на Марс се слични на оние добиени од брегови на Земјата со употреба на георадар: и во двата случаи, подземните материјали покажуваат структури што се навалени под сличен агол кон низините, односно во насока на поранешниот океан.
„Георадарот обично детектира дури и суптилни промени во големината на седиментите, а тоа веројатно се случува и овде“, рече Карденас.
Според истражувачите, оваа марсовска плажа со текот на времето го менувала своето место. Податоците покажуваат серија структури што се навалуваат кон север, што, според Карденас, укажува дека плажата се проширила кон океанот. „Всушност, се проширила најмалку 1,3 километри кон север во океанот“.
Карденас истакна дека овие наоди се возбудливи.
„Тоа е едноставна структура, но укажува дека морало да има плима, бранови, како и блиска река што носела седименти. Сите овие фактори морале да бидат активни подолг временски период“, рече тој.
Иако наклонетите структури може да произлезат од други природни процеси, истражувачите сметаат дека ниту еден од нив не го објаснува целосно добиениот сет на податоци.
„Ги отфрламе вулканските процеси, речните текови и песочните дини што ги носи ветрот. Сите овие се вообичаени на Марс, но оваа структура едноставно не се совпаѓа со ниту една од нив“, истакна Карденас.
Тој додаде дека ова откритие може да има значајни импликации за разбирањето на минатата населивост на Марс.
„Плажа претставува гранична зона помеѓу плитка вода, воздух и копно. Токму во вакви средини се верува дека настанал животот на Земјата, па мислам дека ова би било одлично место за идни мисии кои ќе бараат знаци на минат живот“, рече тој.
Сепак, иако марсовскиот брег можеби бил песочен, неговата сличност со земјините плажи била ограничена. Освен што недостасувале палми и галеби, Карденас посочи дека температурите веројатно биле доста ниски.
„Но, би сакал да го видам тоа. Геологијата и реконструирањето на овие древни предели навистина се фантастично гориво за имагинацијата“, заклучи тој.