Песков: Пресудата против Додик е политичка

Кремљ ја осуди едногодишната затворска казна што вчера му беше изречена на лидерот на босанските Срби, Милорад Додик, нарекувајќи го обвинителството против него политичко.
„Прогонот на Додик е целосно политички по природа и е насочен не само против него, туку и против сите патриотски сили“, рече на прес-конференција портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
Претходно, американскиот Стејт департмент соопшти дека има сознанија за пресудата донесена од Судот на Босна и Херцеговина во средата против лидерот на босанските Срби и изрази противење на преземање чекори што ќе ја поткопаат безбедноста на земјата.
Милорад Додик вчера со првостепена одлука на Судот на БиХ беше осуден на една година затвор, заедно со шестгодишна забрана за политичка активност, поради непочитување на одлуките на високиот меѓународен претставник Кристијан Шмит.
Одбраната на Додик и обвинителството имаат можност да поднесат жалба на оваа одлука, а правните и политичките последици нема да стапат на сила до конечната пресуда.