Путин: Контактите со САД даваат надеж, западните елити сакаат да го нарушат дијалогот

Рускиот претседател Владимир Путин денеска изјави дека првичните контакти со администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп влеваат „одредени надежи“, но дека западните елити се обидуваат да го нарушат дијалогот меѓу Русија и САД.
„Разбираме дека не сите се задоволни од обновувањето на руско-американските контакти. Некои западни елити сѐ уште се решени да ја одржат нестабилноста во светот. Овие сили ќе се обидат да го нарушат или компромитираат и дијалогот што започна“, рече Путин на проширен состанок на одборот на Федералната служба за безбедност (ФСБ), пренесува РИА Новости.
Како што наведе, Русија и САД имаат заедничка желба да работат на обновување на меѓудржавните односи, а Вашингтон денес покажува прагматизам и напушта многу стереотипи и клишеа на своите претходници.