Од средина на април задолжително објавување на цените на веб страниците на маркетите

Согласно измените на Законот за заштита на потрошувачите, почнувајќи од средината на април трговците ќе имаат задолжителна обврска да ги објавуваат цените на сите производи на своите интернет страници, а во наредните десет дена ќе бидат објавени и правилниците на кој начин истите треба да се објавуваат, информираше министерот за економија и труд Бесар Дурмиши. Тој подвлече дека Државниот пазарен инспекторат ќе излезе на терен и за маркетите кои нема да ја почитуваат одлуката, казните ќе се движат од 500 до 10 илјади евра, па и до затворање на маркетите во траење од 15 дена.
-Поради растот на цените на основните прехранбени произвиоди и стабилизација на инфлацијата, на почетокот на неделата, Собранието на предлог на група пратеници ги изгласаа измените на Законот за заштита на потрошувачите. Со овие измени, трговците, почнувајќи од средината на април, ќе имаат задолжителна обврска да ги објават цените на сите производи на своите интернет страници. Законот, кој очекуваме деновиве да биде објавен во Службен весник, предвидува во рок од 45 дена, од денот на влегување на сила на истиот, трговците на своите веб страници да ги објават цените на сите производи кои ги продаваат во своите продавници, рече Дурмиши на денешната прес-конференција.
Тој информираше дека во наредните десет дена ќе бидат објавени и правилниците кои ќе пропишуваат на кој начин ќе треба да се објавуваат цените од страна на трговците. Напомена дека со овие законски измени очекуваат поголема транспарентност на цените во маркетите, подобрена конкурентност и намалување на цените.
-Граѓаните сега ќе можат да одберат каде ќе ги трошат нивните пари. Ќе знаат секој производ во кој маркет и по која цена се продава. Можат сами да одберат кој производ да го земат и од кој маркет. Ваквата мерка ќе придонесе и до зголемување на конкурентноста меѓу трговците и намалување на цените на производите. Потрошувачите ќе бидат целосно информирани за тоа кој производ колку чини, додаде Дурмиши.