Од Европскиот фронт велат дека нема да седат со скрстени раце доколку се засегне законот за албански јазик во Уставот

Без да прецизираат какви дејствија ќе преземат, од Европскиот фронт најавуваат дека нема да стојат со скрстени раце во однос на иницијативите и евентуалната одлука на Уставниот суд за законот за јазиците, поточно за албанскиот јазик. Координаторот на Европскиот фронт Блерим Беџети уште еднаш ја повикува ВМРО ДПМНЕ да ја повлече иницијативата пред Уставниот суд и да седне да разговара за унапредување на ова прашање.
„Предупредивме и сите Албанци предупредуваат дека нема да толерираат, нема да дозволат некој да се однесува како сопственик и да ја оспорува употребата на албанскиот јазик. Подготвени сме да ја решиме оваа ситуација со сите Албанци, со сите граѓани, за да ја вратиме Република Северна Македонија на вистинскиот пат“, вели Беџети.
Но, ВМРО ДПМНЕ очигледно нема волја за такво нешто. Пратеникот Антонио Милошоски отвора сомнеж за временскиот период кога Уставниот суд ги отвора овие теми. Тој смета дека предупредувањата за политичка криза и неодржувањето избори се обид да се оттргне вниманието од проблемите внатре во партијата.
Говорејќи за правата и јазиците, вчера премиерот Мицкоски рече дека Османи има најмалку кредибилитет да зборува за јазиците бидејќи, како што рече, додека бил на власт го продавал македонскиот идентитет. Ако не го почитуваш туѓото, не можеш да го почитуваш своето“, рече Мицкоски. Како одговор на оваа изјава, Османи повикувајќи се на постигнувањата поврзани со македонскиот јазик, му порача на Мицкоски да направи барем половина од тоа, а Албанците ќе му бидат многу благодарни.
Зекирија Хаџиу