Членството во ЕУ стратешка цел, со САД како стратешки партнер, порача премиерот

Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, денеска истакна дека државата политиката треба да ја базира врз позициите на САД како стратешки партнер, особено во мигови кога во рамки на ЕУ постојат несогласувања и по прашања како што е буџетот на Унијата.
Мицкоски денеска на прашање на новинарите за позицијата на Владата по однос случувањата во светски рамки, истакна дека стратешка цел на државата е полноправно членство во ЕУ, но истовремено потсети и дека САД се наш стратешки партнер.
– Ние како држава треба да се позиционираме заедно со нашиот стратешки партнер, убедени сме како Влада дека тоа е правецот каде како држава треба да се движиме, рече тој.
Во таа насока била и поддршката од македонската Влада на Резолуцијата поднесена од страна на САД пред Советот за безбедност во ОН, а која се однесуваше на тригодишнината од почетокот на руската агресија врз Украина.