
Поранешниот гувернер на Банката на Канада, Марк Карни, победи во трката за нов лидер на владејачката Либерална партија и ќе го замени Џастин Трудо како премиер, покажаа резултатите објавени во неделата(9 март).
Карни ја презема премиерската функција во време кога Канада е вовлечена во трговска војна со својот долгогодишен сојузник САД , а оваа година се очекуваат и парламентарни избори.
Педесет и деветгодишниот Карни убедливо ја победи поранешната министерка за финансии Кристиа Фриланд, со 86 отсто од гласовите од нешто помалку од 152 000 членови на партијата кои гласаа.
Актуелниот премиер Трудо беше на власт повеќе од девет години, а во јануари најави дека ќе се повлече од функцијата, по наглиот пад на неговиот рејтинг, што ја принуди Либералната партија да најде нов лидер.
„Нема простор за грешка, ова е клучен момент за нашата нација. Демократијата не е дар од небото. Ниту слободата. Ниту Канада “, рече Трудо.