Кошта: Зборовите ги претвораме во дела и ја зајакнуваме безбедноста на Европа

Пред три години токму на денешен ден во Версај решивме да ја зајакнеме одбраната на Европа и да изградиме „Европа на одбраната“ и сега она што го ветивме го исполнуваме со минатонеделните брзи и амбициозни одлуки на Самитот на ЕУ за безбедноста и за Украина, истакна денеска претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта во Европскиот парламент.
– Европската унија живее во клучниот момент. Чувството на итност е пред нас. Геополитичките тензии се зголемија во последните недели.
Мултилатерализмот е под огромен притисок, а исто така и меѓународниот поредок заснован на правила.
Руската агресивна војна против Украина и заканата што таа ја претставува има пошироки импликации за Европа и меѓународната безбедност, нагласи Кошта во обраќањето на дебатата во Европскиот парламент посветена на зајакнувањето на европската одбранбена архитектура и поддршката за Украина.
Тој истакна дека ЕУ зборовите да ги претвора во дела и во текот на последните три години, нејзините земји членки ги зголемија трошоците за одбрана за 30 отсто и оние 23 кои се дел од НАТО во 2024 година ја остварија целта за одбранбени издвојувања од два отсто од нивниот БДП.
– Сега одиме многу подалеку.
За еден месец, работејќи заедно со Европската комисија, ја започнавме „Европа на одбраната“, изјави Кошта, потсетувајќи дека на специјалниот Европски совет во четвртокот беше решено ЕУ повеќе да инвестира во приоритетните области, како што се противвоздушната и противракетната одбрана, артилериски системи, проектили, муниција, дронови и системи за справување со дронови, во воена мобилност, вештачката интелигенција и кибер и електронската заштита.
Тој додаде и дека е решено да се мобилизираат повеќе јавни и приватни средства за одбраната и дополнителни трошоци за финансирање на потребните одбранбени капацитети, со цел земјите членки да инвестираат подобро и поефикасно заедно.