11 лица во притвор за злоупотребите при снабдување со токсичен мазут, поднесени 13 кривични пријави

Уапсени 11 лица, еден е во притвор, а еден е во бегство. Ова е епилогот од полициската акција координирана со Обвинителството за организиран криминал и корупција во врска со испораките на токсичен мазут на термоелектраната Неготино, со што се загадува животната средина и следствено на тоа се загрозува здравјето на граѓаните. Полициски службеници извршија рации на повеќе локации во Скопје, Битола и Кичево за да обезбедат докази поврзани со кривичните дела кои се товарат против осомничените, а тоа се злоупотреба на службената должност и перење пари.
„Од досегашните рации пронајдени и одземени се документација, пет мобилни телефони, околу 1.500 парчиња муниција од различен калибар, два пиштоли и три возила“, велат од МВР.
Кривични пријави против 13 лица за снабдување со гориво:
- Асмир Јахоски (40) – Пласница
- Ратко Капушевски (38) – Скопје
- Васко Ковачевски (55) – Битола
- Ерџан Сулкоски (43) – Кичево
- Ардијан Муча (44) – Скопје
- Ружди Рамадани (48) – Желино
- Никола Стојановски (61) – Маврово и Ростуше
- Данчо Стојановски (43) – Велес
- Емил Пецаков (52) – Скопје
- Марија Нешковска (60) – Скопје
- Благица Марковиќ (51) – Скопје
- Душица Сеизовска Јовановиќ (43) – Куманово
- Добрила Стефановска (66) – Скопје
Директорот на РКМ Ратко Капушевски, кој во јавноста е познат како близок соработник на Никола Груевски, е меѓу најпознатите имиња, а инволвиран е и синот на пратеникот на ДУИ Исмаил Јахоски и сопственикот на Пуцко Петрол, Асмир Јахоски. На списокот на обвиненија на полицијата се наоѓа и името на поранешниот директор на ЕСМ, Васко Ковачевски, кој долго време е во бегство поради друг случај во кој се гони, познат како „Адитиви“. Понатаму, кривична пријава е поднесена и против поранешниот директор на ЕСМ и функционер на ДУИ, Ардијан Муча, но и против Ерџан Сулкоски, бизнисмен познат во јавноста како деловен партнер на зетот на лидерот на ДУИ, Али Ахмети.
Покрај нив се споменуваат и други лица како Ружди Рамадани, Никола Стојановски, Данчо Стојановски, Емил Пецаков, Марија Нешковска, Благица Марковиќ, Душица Сеизовска Јовановиќ и Добрила Стефановска.
Суад Бајрами