Почнуваат активностите за повторно отворање на граничниот премин „Маркова нога“

По повеќе од 50 години денеска почнуваат градежните активности за повторно отворање на граничниот премин „Маркова нога“ на македонско-грчката граница.
Проектот опфаќа изградба на административна зграда на Царинската управа со површина од околу 360 метри квадратни, како и изградба на канцеларија за осигурителна компанија, резервоар за вода, армирано-бетонски пропусти, водоснабдување и канализација, потпорни ѕидови, три новопланирани улични делници и јавни тоалети. Изградбата на овој граничен премин е во рамки на проектот „ЕУ за Преспа“.
На денешното поставување на камен-темелникот најавено е присуство на премиерот Христијан Мицкоски, евроамбасадорот Михалес Рокас и постојаниот претставник на Програмата за развој на ОН (УНДП) Армен Григорјан.
Грегоријан во видео интервју за МИА вели дека изградбата на овој граничен премин е меѓу приоритетите на УНДП.
Со отворањето на овој граничен премин се очекува да се отвори простор за економска, туристичка соработка и културна размена меѓу двете држави. Повторното отворање на граничниот премин беше најавено со потпишувањето на Преспанскиот договор во 2018 година.