Висината на минималната плата останува отворено прашање, се чека седница на ЕСС

Економско-социјалниот совет до крајот на месецов треба да одржи седница на која би се разговарало за минималната плата и за колку таа би била зголемена. Според законското решение, зголемувањето би било околу 1.800 денари, а Сојузот на синдикати бара зголемување за 6.000 денари со оглед на трошоците на живот, а придонесите за разликата до 30.000 денари, колку што би изнесувала минималната плата, една година да ги субвенционира Владата. Од Владата остануваат на ставот дека се согласуваат со решение што ќе го договорат работниците и работодавачите, но велат дека во Буџетот не се предвидени средства за оваа намена.
Од Министерството за економија велат дека мора прво Комисијата за репрезентативност да ја утврди репрезентативноста на синдикатите, а потоа да се закаже седница на Економско-социјалниот совет. Комисијата за репрезентативност беше формирана во вторникот и од неа се очекува да закаже седница за да ја утврди репрезентативноста.