ЈО: Увидните дејствија за несреќата во Кочани сѐ уште траат

Од Јавното Обвинителство информираат дека увидните дејствија на терен за несреќата во дискотеката „Пулс“ сѐ уште траат, а државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски денеска повторно е во Кочани каде што ги координира активностите на тимот обвинители назначен да ги спроведува истражните дејствија. Оттаму најавија изјава на Коцевски во 16:00 часот пред Основното јавно обвинителство Кочани.
Од ЈО утрово информираа дека обвинителскиот тим е проширен и го сочинуваат двајца јавни обвинители од ОЈО Кочани, двајца јавни обвинители од ОЈО Штип и пет јавни обвинители од ОЈО Скопје.
Дополнително, посочија дека синоќа се издадени повеќе дополнителни наредби, вклучително наредба за пребарување на серверите и на уште еден компјутер во Министерството за економија и наредба за графолошко вештачење на потписи на одредена документација.
Исто така, информираа дека во тек се рочишта за определување притвори за лицата осомничени за случајот со пожарот во дискотеката во Кочани.
За случајот досега се сослушани над 20 лица, а за 11 Обвинителството поведе постапка за проверка. Од нив за осум лица веќе е поднесен предлог за краткотраен притвор, додека останатите три сѐ уште се хоспитализирани во потешка здравствена состојба.
Мерката краткотраен притвор e процесен институт за обезбедување присуство на лицата за кои постои основано сомнение дека извршиле кривично дело, а се предлага во особено сложени предмети, кога е потребно да се прибере поголем обем на докази за проверка на сите околности и евентуално формално поведување истрага.