Опозицијата гледа селективна истрага за трагедијата во Кочани

Политичките партии од опозицијата како едвај да чекаа да заврши седумдневната жалост за трагедијата во Кочани, па веднаш почнаа да се препукуваат изразувајќи го своето незадоволство од начинот на истрагата за пронаоѓање на виновниците кои дозволиле незаконско работење на дискотеката „ПУЛС“. Од ДУИ велат дека челниците на власта предвреме излегле со обвинувања и закани, вперувајќи го прстот кон минатото. Тие нагласуваат дека објектот УЈП го затворила пред неколку месеци, но незаконски бил повторно отворен. Сите виделе се, никој ништо не видел затоа што не се осмелиле да реагираат, велат од ДУИ.
„Зошто не го виделе навреме и зошто не го спречиле? Затоа што тоа место не беше обичен бар. Тоа беше неформално место за средба на целата политичка, криминална и бизнис елита на Кочани и околниот регион. Од градоначалници, пратеници и претседатели на партиски ограноци, до инспектори, командири и функционери – сите беа редовни гости, во близок контакт со сопственикот и неговиот тим; Сите знаеја дека зад овој објект стојат моќни луѓе кои го штителе и затоа никој не смееше да поставува прашања“, велат од ДУИ.
Незадоволни се и од СДСМ. Истрагите ги опишуваат како селективни бидејќи, како што велат, не се приведени актуелни началници и раководители на Полициската станица Штип и на Полициската станица Кочани. Без разлика на која политичка структура припаѓаат, во истрагата треба да бидат вклучени сите, велат од СДСМ.
Реакциите на двете политички партии доаѓаат откако зад решетки завершија нивните поранешни функционери, како што се поранешниот министер за економија, Крешник Бектеши, поранешниот директор на Дирекцијата за заштита и спасување, Беким Максути, поранешниот државен секретар во Министерството за економија, Размена Чекиќ, поранешниот директор на Пазарниот инспекторат, Горан Трајковски, како и поранешниот градоначалник на Кочани, Николчо Илиев.
Зекирија Хаџиу