Одложена седницата на Советот на јавни обвинители на која требаше да биде разгледан предлогот за разрешување на Љупчо Коцевски

Одложена седницата на Советот на јавни обвинители на која требаше да биде разгледан предлогот за разрешување од функцијата Јавен обвинител на РСМ поднесен од Владата. Седницата, како што информираше претседателката на Советот на јавни обвинители Душица Димитриеска, е одложена поради немање на кворум – отсуство на тројца членови и за се понатаму јавноста ќе биде дополнително информирана.
Предлогот за разрешување на државниот Јавен обвинител Љупчо Коцевски е втора точка на дневен ред на 22 седница, која првично беше закажана за 18 март, но Советот ја одложи поради седумдневна жалост прогласена по трагедијата која се случи во Кочани.
Роковите за разгледување на предлогот за разрешување на Коцевски сѐ уште течат и Советот ќе треба да го разгледа предлогот најдоцна следната недела.
Премиерот Христијан Мицкоски, вчера изјави дека постапката за разрешување на јавниот обвинител Коцевски ќе се запре во моментот до таму каде што се наоѓа.