Мора да се реагира мудро и навремено, европскиот пат е наша единствена реална опција, порача претседателот на МАНУ

Мора да се реагира мудро и навремено – порача претседателот на МАНУ, Живко Попов, во експозето на Редовното годишно собрание на Академијата, осврнувајќи се на надворешната политика на земјава и нејзиното позиционирање во новата политичка констелација во светот.
Посочи дека перспективата на евроинтеграциските процеси на државава е „комплетно блокирана со ирационалниот спор со нашите соседи“ и дека е „многу позитивно и не треба да се пренебрегне“ тоа што има „битно подобрување на нашите односи со американската администрација предводена од претседателот Трамп“.
-Тоа на поголемиот дел од македонскиот народ му влева надеж дека може да добие одредена поддршка во решавањето на билатералниот спор со Бугарија и во подобрувањето на релациите со Брисел. Република Македонија не може да биде поштедена од последиците на војната во Украина и таа мора да си го најде своето безбедно место во светот и за тоа сведочат дипломатските усилби на Владата, земјата да биде поддржана од повеќе стратешки партнери, што само може да и донесе корист на државата. Во ваква ситуација мора да се реагира мудро и навремено. Европскиот пат, сепак, е наша единствена права и реална опција бидејќи ние сме пред сѐ Европејци, а исто така и Европската Унија е свесна дека европскиот континент никогаш нема да биде комплетен без Западниот Балкан и затоа проширувањето на ЕУ повторно станува приоритет кој не смееме да го пропуштиме. ЕУ нам ни е потребна како високоразвиена економска и политичка заедница која може да ни помогне да ги достигнеме нејзините стандарди и вредности, рече претседателот на МАНУ.
Додаде дека европскиот пат на Западен Балкан „повторно е на испит и на раскрсница и покрај јасната волја и желба на скоро сите околни соседни држави“.