Хотелот на ридот на Охридското Езеро станува реалност

Хотелот на Мијалкови, што се гради на ридот на населбата Инекс Горица, веќе ги добива контурите на својот изглед. За една година од голо земјиште, новиот хотелски објект станува реалност. Станува збор за една од најатрактивните локации во Охрид, непосредно на самиот езерски брег. И покрај револтот на еколошките организации и на граѓаните за бетонизацијата и уништувањето на бујната вегетација, актуелната локална власт, хотелот го смета за завршена работа. Се почнува во 2007 година, кога се изготвува Урбанистички план вон населено место, каде дел од парк шумата Горица се пренаменува во градежно неизградено земјиште, со намена хотелски комплекс. Во 2011 година Министерството за транспорт и врски, објавува јавно наддавање за отуѓување државно земјиште за изградба на хотел на Охридското Езеро.
„Победува фирмата на партискиот функционер, која добива катастарска парцела од 15.878 m2. Се работи за „Дивелоп груп“ во сопственост на Сашо Мијалков. Летото, истата година, на таа локација е подметнат пожар. Теренот се расчистува, а покрај изгореното, се сечат и здрави стебла. Се добива огромен простор кој потоа е ограден“, велат од Охрид СОС.
Просторот во таква состојба беше скоро една деценија. Но, наместо да го раскине договорот, Општина Охрид во два наврати потпишува анекс и му овозможува на Мијалков да не го изгуби земјиштето. Првиот во 2013 година додека вториот во 2020 година,додаваат од Охрид СОС.
„Ова е пример кој ги побива сите „заложби“ на институциите дека се за зачувување на природното и културно наследство на регионот и дека работат за јавниот, наместо за приватниот интерес. Поединци скоро бесплатно добиваат атрактивни локации низ целиот Охридски Регион, државното земјиште се отуѓува како тоа да е нешто невредно. Својата службена должност ја злоупотребуваат за некој да оствари долгорочен бенефит, а тие да лапнат малку од благото“, додаваат од Охрид СОС.
Градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков, прашува зошто толку голема фама се крева за овој објект.
„По планот за менаџирање на Охрид ги исполнува условите, затоа што не е во линијата на 50 метри од Охридско Езеро. Може да исполнува катност П плус три и 40 % искористеност на градба, а овој објект е прв спрат, минус еден и минус два, не е ниту четири спрата туку е три спрата и е 22% искористеност на парцелата. И не мислам дека треба секое запролетување и секое затоплување на времето да разговараме за истата тема, која што некој претходно и сега да била завршена е веќе одговорено и завршена е приказната. За да важи одобрението за градба, двапати е променат законот во 2017 и 2019 година, затоа што има рок“, рече Пецаков.
Но од „Охрид СОС“ велат дека овој проект никогаш не бил доставен до Комисијата за управување со природното и културното наследство на Охридскиот Регион, ниту пак, урбанистичкиот план бил ревидиран од аспект на неговата усогласеност со Планот за управување на Охридскиот регион (2020-2029) во кој стоело „спречување на градежното зафаќање на релјефни возвишенија, доминантни места каде со изградбата на објекти ќе се наруши крајбрежниот пејзаж“. „Охрид ЅОЅ“ овој случај го вклучил и во коментарите доставени до Реактивната Мониторинг Мисија на УНЕСКО и други меѓународни организации.
Мики Трајковски