ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Вработените во Инспекторатот за јазици трет месец без плата

17 вработени во Инспекторатот за употреба на јазиците веќе 3 месеци се без плата, по измените на Законот за инспекциски надзор кои покрај осакатувањето на надлежностите предизвикаа и правен вакуум. Со измените е одземен правниот статус на Инспекторатот и со ова Инспекторатот веќе нема буџет со кој управува, туку со неговиот буџет управува Министерството за правда.

Advertisements

МИНИСТЕРСТВО ЗА ПРАВДА:
„Вработените во Инспекторатот немаат добиено плата поради потребата од измена и усогласување на материјалниот закон на Инспекторатот за употреба на јазиците со измените на Законот за инспекциски надзор, со што ќе се промени статусот на правното лице“.

Отстранувањето на правниот статус на Инспекторатот е спротивно на два члена од двата клучни закони кои се на сила, а врз основа на кои функционира Инспекторатот и кои му даваат правен статус.

Поточно, член 20 став 1 од Законот за употреба на јазиците, јасно е дека Инспекторатот кој го надгледува целосното и доследно спроведување на одредбите од овој закон е во состав на Министерството за правда, но со квалитет на правно лице.

Истото се повторува и во посебниот Закон за инспекторатот за употреба на јазиците, во кој се вели дека инспекторатот има својство на правно лице.

Практично, од 1 јануари годинава, според важечките закони, Инспекторатот за употреба на јазиците е во апсурдна ситуација – има, и нема правен статус. Министерството го има добиено буџетот, но не исплаќа плати бидејќи статусот на вработените не е среден, бидејќи тие мора да извршат трансфер во Министерството за правда. Но и ова не може да се направи, токму затоа што законите не се усогласени.

МИНИСТЕРСТВО ЗА ПРАВДА:
„Буџетот на Инспекторатот е во рамките на Министерството за правда, согласно Буџетот за 2025 година. Министерството за правда не може да обезбеди буџетска усогласеност од страна на Министерството за финансии за преземање на вработените, додека не се промени материјалниот закон на Инспекторатот, во кое се утврдува неговиот правен статус.“

Како што дознава Алсат, и покрај тоа што не примале плата, вработените во Инспекторатот ги исполниле своите обврски и извршиле инспекциски планови, но од следниот месец не се исклучува можноста за запирање со работа поради ваквата состојба. Ситуацијата може да се реши само ако Собранието ги промени оспорените членови од двата закони со кои работи Инспекторатот. Дел од вработените во Инспекторатот, со кои Алсат разговараше а кои останаа анонимни, го прашуваат Министерството за правда кога ќе ги достави измените на законите во собраниска процедура, бидејќи 17 семејства чекаат плата. Дополнителен проблем е што Законот за употреба на јазиците е пред Уставниот суд каде се очекува да се одржи подготвителното рочиште по што ќе се одлучи дали ќе се отвори постапка или не.

Суад Бајрами

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button