ДУИ ќе побара специјална собраниска Kомисија за истрага на трагедијата во Кочани

Демократската Унија за Интеграција најави дека официјално ќе побара формирање на посебна собраниска комисија која ќе го истражи, како што велат, селективниот и пристрасниот пристап на правосудниот систем, според нив, контролиран од власта, во справувањето со трагедијата во Кочани.
„Оваа комисија треба веднаш да се формира и да вклучи претставници на ОБСЕ, како и претставници од амбасадите на Соединетите Американски Држави и земјите членки на Европската Унија како набљудувачи за да се гарантира правична, независна и транспарентна истрага. Селективната правда го шокираше секој граѓанин на оваа земја и создаде ситуација без преседан што ги загрозува владеењето на правото и довербата на граѓаните во институциите“, велат од ДУИ.
Ваквите комисии можат да даваат препораки, но и да помагаат во истраги или процеси, но препораките што произлегуваат од комисиите не се обврзувачки за судските и обвинителските органи. Поради оваа причина, низ годините во земјава се формираа многу комисии за различни случаи, од кои некои беа иницирани од ДУИ, но нивните резултати беа целосно невидливи.
ДУИ презеде иницијатива за формирање истражна комисија за смртта на 4-годишниот Алмир од Куманово, но тоа не придонесе ништо за најстрога казна за Бобан Илиќ. Всушност, се случи спротивното, Апелациониот суд му ја намали казната од 6 на само 4 години затвор.
Од ДУИ најавија и истражна комисија за случајот Куманово, со цел да се открие вистината за настаните од 9 и 10 мај 2015 година во Дива населба, но истата никогаш не беше формирана.
За време на 22-годишното владеење на ДУИ, беа формирани и истражни комисии за случаите „Сопот“ и „Монструм“ како процеси за кои се сомневаше дека се политички монтирани. Комисијата требаше да го демонтира евентуалното сценарио на монтирање, но во Собрание тоа никогаш не се случи.
Имаше обиди на истражни комисии да го расветлат нелегалното прислушување од времето кога Никола Груевски ја водеше државата, но и тие не успеаја. Формирана беше и Комисија за испитување на исфрлањето на новинарите од Собранието на 24 декември 2012 година додека се носеше буџетот, како и случаите на проблеми со избирачките единици и фалсификувањето документи, но и тие не успеаја.
Неодамна беше формирана комисија за случајот „Онкологија“, поточно скандалот со кражбата на лекови за болните од рак. Комисијата ја одржа последната седница на 27 ноември 2023 година, а процесот нема собраниски епилог.
Експертите, но и граѓаните, постојано покажуваат скептицизам во однос на улогата на истражните комисии во разјаснувањето на прашања од јавен интерес. Има и такви кои формирањето комисии го нарекуваат губење време, а тоа најдобро го кажа британскиот државник Винстон Черчил: „Ако не сакате ништо да решите, создадете парламентарна истражна комисија“.
Суад Бајрами