Жртвата нема да го гони кривично човекот што ја тепаше на „Тик-Ток“

Откако на социјалната мрежа „Тик-Ток“ се појави видео на кое се гледа како маж од Радовиш физички малтретира жена, полицијата во неделата го повикала на разговор, но жртвата, одбива да поднесе кривична пријава против него, информираат од МВР. Во разговор со полицијата, жртвата изјавила дека видеото е старо и е објавено од мајка и за таа да и го растури бракот.
„Бил извршен службен разговор и со нападнатата жена, во присуство на социјален работник од Јавна установа Меѓуопштински центар за социјални работи Радовиш, при што таа кажала дека видео записот е од јули 2024 година. Од жртвата било изјавено дека не сака да поднесе предлог и дека видеото било доставено од нејзината мајка“, рече Гоце Андреевски, портпарол на МВР.
Иако жртвата не го пријавила, случајот ќе продолжи да го води обвинителството во Радовиш по кривична пријава поднесена од тамошната полиција, а допрва ќе се одлучува дали насилникот од видеото ќе биде приведен.
„Постапката за лицето е во тек врз основа на поднесената кривична пријава. Меѓу другото, ќе се испита дали во конкретниот случај постои основ за негово задржување. Јавното обвинителство и истражните органи имаат обврска да постапуваат единствено врз основа на доказите во предметите“, велат од ОЈО.
Инаку на снимката на социјалните мрежи можеше да се види како насилникот со погрдни зборови ја навредува и тепа жената за која се тврди дека е бремена. Покрај ова видео, на социјалните мрежи започнаа да се шират и други од истиот насилник кој ја малтретира жената, а против истиот пак веќе се води и активен судски спор поради тоа што вршел насилство врз друга жртва. Од МВР и Обвинителството информираат дека ќе продолжат со дејствија за целосно испитување на случајот.
Михајло Донев