Митовски: По хаваријата во „Тораница“ за 10 пати зголемена концентрација на олово во водата во Крива Река

Извештајот од испитаните примероци на водата во Крива Река земени еден ден по хаваријата во рудникот „Тораница“ покажува дека концентрацијата на олово е зголемена за десет пати повече од дозволеното, а за неколку стотици пати на цијанид, фосфор и азот, информираше денеска градоначалникот на Крива Паланка Сашко Митовски. Тој најави дека општината ќе бара кривична одговорност за загадувањето по повеќе основи, истакнувајќи дека ќе ги преземе сите активности во нејзина надлежност за што побрза санација од хаваријата, а ќе побара помош и од централната власт.
Митовски на прес-конференција презентираше извештај на акредитираната лабораторија „Технолаб“ од Скопје од земени примероци од водата во Крива Река, според кој, како што рече, водата еден ден по хаваријата во рудникот Тораница е сериозо загадена и претставува опасност за животот и здравјето на луѓето.
– Извештајот по направеното тестирање на квалитетот на водата во Крива Река покажува неверојато зголемени концентрации на штетни материи, а она што најмногу загрижува е десеткратно зголемено присуство и концентрација на тешки метали, поточно количината на олово присутно во водата. Дополнително за неколку стотици пати е зголемена концентрацијата на цијанид, фосфор и азот, рече Митовски.