Повеќето училишта и хотели во Тетово не ги исполнуваат условите за ПП заштита

Од вкупно 12 основни и шест средни училишта во Тетово, само четири ги исполнуваат условите за заштита од пожар. Недостатоци во однос на противпожарната заштита инспекторатот забележал и во Универзитетот во Тетово и во Агенцијата за вработување.
„Надзорот е спроведен во сите основни и средни училишта, детски градинки и државните институции кои се наоѓаат на територијата на општина Тетово. Проверени се 12 основни училишта, 5 средни, две централни училишта, Мариф, ЈИЕУ, УТ и градинките. Од сите извршени надзори, инспекторите утврдиле дека од сите проверени објекти, целосно ги исполнуваат условите само ‘Никола Штејн’, ‘Беса’Мала Речица, градинката ‘Ринија’, ‘Мариф’, ‘Ѓоче Стојчески’ и ЈИЕУ“, рече Бесарта Рамадани, портпаролка на општина Тетово.
Извршени се инспекции и во 20 хотели во Тетово и во неколку мини фабрики, при што е утврдено дека поголемиот дел од нив не ги исполнуваат условите за противпожарна заштита. Инспекторатот најавува строги казни и црвени линии за исполнување на овие услови.
„Исто така, извршени се инспекции и во 20 различни хотели, како и во угостителските објекти кои се наоѓаат на територијата на општината. Од извршените контроли, беше утврдено дека само еден хотел, ‘Меркур’, ги исполнува неопходните услови за спроведување на регистрираната дејност, додека останатите објекти, делумно или воопшто, не ги исполнуваат ниту минималните услови за вршење на хотелска или угостителска дејност“, додава Рамадани.
Вонредните контроли во образовните институции и други објекти беа спроведени по трагедијата во Кочании.
Башким Сулејмани