Концентрацијата на олово во Крива Река 10 пати над дозволеното

По несреќата во рудникот Тораница, концентрацијата на олово во Крива Река кај Крива Паланка се зголеми за 10 пати повеќе од дозволеното, и стотици пати повеќе од дозволеното за цијанид, фосфор и азот. Градоначалникот на општината Сашко Митовски, рече дека се загрижувачки податоците од извештајот од испитуваните примероци на водата. Најави кривични пријави.
Министерот за животна средина, Изет Меџити, рече дека овој рудник ќе се соочи со максимална парична казна во износ од 180 до 200 илјади евра.
„Законот мора да се почитува. Секој кој ја загрозува животната средина ќе се соочи со санкции без исклучок. Инспекциските контроли ќе продолжат со засилено темпо и Министерството ќе инсистира на целосна транспарентност и отчетност. Ова е само еден од многуте чекори што ги преземаме за да обезбедиме чиста и безбедна средина за сите граѓани“, рече Меџити.
Инцидентот во рудникот се случи на 14 март, кога експлодирала цевка од делот за флотација на рудникот, што ја направи реката сива и предизвика загриженост кај еко-активистите. Тие велат дека присуството на тешки метали претставува сериозна закана за здравјето на граѓаните.
Ајнур Бафќари