Политичарите упатија честитки за празникот Рамазан Бајрам

Верниците од исламска вероисповед денска го празнуваат Рамазан Бајрам – еден од петте столбови на исламот и празник за духовно и телесно прочистување. По тој повод, политичките чинители во земјава упатија пораки со честитки за верниците.
Премиерот Христијан Мицкоски напиша дека овој празник значи дека преку добри дела, заемно почитување, трпение и разбирање може да се победи лошото и оти преку соработка, соживот и толеранција, Македонија ќе продолжи да се афирмира како попросперитетна држава.
„Сите заедно мораме да го смениме системот кој предолго ги оставал граѓаните без правда, достоинство и еднакви можности. Таа одговорност ја носиме пред сите сегашни, но и пред идните поколенија, да изградиме општество на фер вредности, слободни луѓе и силни институции.Продолжуваме да ја градиме Македонија и заеднички да создаваме услови за сите“, вели Мицкоски.
Претседателот на Собранието, Африм Гаши напиша дека Рамазан нè учи дека постот е патот кон прочистување на душата и секој ден претставува можност за практикување на вредностите искреност, љубов и меѓусебна почит.
„Затоа, по завршувањето на месецот на Рамазан, да бидеме со чисто срце и поподготвени да им помогнеме на сите оние кои имаат потреба, како и да придонесеме кон зајакнување на заедницата, толеранцијата и општествената хармонија“, напиша Гаши.
Честитка пристигна и од лидерот на опозициската СДСМ, Венко Филипче кој кажа дека во духот на вредностите кои ги носи Рамазан Бајрам, со заедничка работа, можат да се надминат сите предизвици и да се гради подобра иднина за државата и граѓаните.
„Северна Македонија е пример за заедништво, заеднички живот и почитување на различностите, и токму тоа ја прави посилна и побогата. Затоа, овој празник нека ни биде потсетник дека со почит, заемна помош и поддршка, можеме да изградиме поправедно и еднакво општество за сите“, вели Филипче.