Зголемен бројот на туристи во земјава, но немаме туристички водичи

Зголемен е бројот на странски туристи кои ја посетуваат нашата земја.
За дел од туристите недостигаат водичи кои би ги информирале за најдобрите места за посета, додека за некои други туристи, интернетот на јавните места е доволен за да ги пронајдат местата што сакаат да ги посетат.
„Почнавме од центарот на Скопје и сега одиме кон Скопската чаршија. Секогаш е добро некој да не информира, но ние бараме информации и ги споделуваме едни со други. Дојдовме да го видиме Балканот, тука ќе бидеме три дена, па ќе одиме во Србија, Албанија и Црна Гора…
„Доколку се работи за голема група и посетуваат некоја планина каде се престојува неколку дена, тогаш е неопходен водич. Сретнавме еден водич на кањонот Матка, но не сме сретнале други и нема многу публицитет што се однесува до тоа…“, рекоа туристите.
„Јас сум од Белгија. Сакав да одам во Грција откако бев во Албанија и видов дека Скопје е на патот до Солун и реков да застанеме овде да го поминеме времето. Изненаден сум од статуите и мостовите бидејќи не знаев ништо за Скопје“, додава еден турист од Белгија.
Додека некои туристи се жалеа дека не можат лесно да најдат туристички водич, туристичките водичи на нивниот меѓународен ден рекоа дека се соочуваат со нелојална конкуренција, нелиценцирани странски водичи кои си земаат за право да ја искриват историјата во нивна корист. Според последните податоци на Државниот завод за статистика, секој месец се зголемува бројот на туристи. Во јануари 2025 година имавме 49.870 регистрирани посетители, од кои 36,8% домашни и 63,2% странски туристи. Вкупниот број на туристи во јануари годинава, во однос на јануари 2024 година, е зголемен за 4,4 отсто, а бројот на ноќевања е зголемен за 4,7 отсто.
Авни Тахири