Во “Пулс” во Кочани често имало тепачки, лани пријавени две

Објектот познат во јавноста како дискотека „Пулс“ наменет за лесна индустрија, а не за кабаре клуб, каде во страотниот пожар 59 лица го загубија животот, уште пред да се случи трагедијата било место каде што се случувале тепачки и други инциденти, а некои од нив биле и официјално пријавувани во полиција. До денот на трагедијата, а од почетокот на минатата година во полиција биле пријавени два вакви случаи.
„Во периодот од 01.01.2024 до 31.12.2024 и од 01.01.2025 до 16.03.2025 во дискотеката „Пулс“ имало две нарушувања на јавниот ред и мир, и во овој период не се поднесени кривични пријави за сторени дела во истата“, велат од МВР.
Од полицијата не ни открија повеќе детали за овие пријави, но кочанчани велат дека имало и други инциденти во оваа дискотека кои не биле пријавувани. Дискотеката работела со години со фалсификувана лиценца, не ги исполнувала ниту основните услови за работа – немала хидрант, немала доволен број противпожарни апарати, како ниту доволно врати за излез во итна ситуација како што беше случај на 16 март, кога објектот изгоре за само неколку минути.
За сите овие пропусти кои доведоа до трагедија од незапаметени размери досега се приведени 34 физички и три правни лица. Сите тие се обвинети за предизвикување тешки дела против општата безбедност, за што се предвидени затворски казни од три до максимум 20 години. Едно лице пак е пријавено и за примање на поткуп, а станува збор за лице вработено во Министерството за економија, кое го одобрило работењето на дискотеката и покрај што знаело дека лиценцата е фалсификувана.
Меѓу овие лица во притвор се и поранешниот министер за економија Крешник Бектеши, екс директорот на пазарниот инспекторат Горан Трајковски, градоначалникот во оставка на Кочани Љупчо Папазов, но и неговите претходници Ратко Димитров и Николчо Илиев. Зад решетки завршија и поранешниот директор на Дирекцијата за заштита и спасување Беким Максути, како и поранешниот државен секретар во Министерството за економија, Размена Чекиќ.
Обвинителскиот тим кој работи на овој случај прошири на 11 истражители, кои се очекува да извршат распит со повеќе од 300 сведоци. Во меѓувреме, полицијата изврши и претрес во домот на сопственикот на дискотеката Пулс, а неофицијално на распит биле повикани и неговата сопруга и ќерка. Премиерот и министерот за внатрешни работи во неколку наврати повторија дека секој кој има каква било поврзаност со овој случај ќе биде повикан на распит и дека правда и одговорност за овој случај, ќе има.
Михајло Донев