30 дена притвор за припадникот на обезбедувањето на Мицкоски

30-дневен притвор за Ангел Сарамаков, членот на обезбедувањето на премиерот Христијан Мицкоски, кој вчера беше приведен за кривично дело „оддавање на службена тајна“. Од обвинителството денеска соопштија дека Сарамаков веќе е во притвор, а споделија и детали за тоа како лицето сакало да заработи преку оддавање службени документи.
ОЈО ГОКК:
Осомничениот како службено лице, вечерта на 30.3.2025 година на паркинг просторот пред хотел во Велес се сретнал со неповикано лице – сведок во постапката и му покажал службени документи на МВР, што претставуваат службена тајна. Притоа му дозволил на сведокот истите да ги снима, кажувајќи му кој документ за што се однесува. На овој начин, осомничениот од користољубие, а со цел да бидат објавени на социјалните мрежи, сторил достапни службени документи што претставуваат службена тајна, со цел да прибави паричен износ од 50.000 евра од лицето за кое се однесувале документите.
Директорот на затворот Скопје во Шуто Оризари за Алсат потврди дека Сарамаков утрово е спроведен таму за издржување на притворската казна, а според делото кое му се стана на товар на лицето му се заканува затворска казна од најмалку една до максимални 20 години. Откако полицијата синоќа објави дека Сарамаков е лишен од слобода, во јавноста се пишуваше дека тој споделувал полициски тајни за кланот од Грчец, но од Обвинителството демантираа била каква поврзаност со него или со документите во овој случај со посочената криминална банда.
Ангел Сарамаков се вработи како член на обезбедувањето на премиерот по промената на власта. По апсењето на Сарамаков од Влада истакнаа дека истрагата допрва ќе ги даде деталите за тоа што се случувало, како и дека во овој момент безбедноста на премиерот не е загрозена.
Михајло Донев