Апелациониот суд Скопје ќе одржи јавна седница за случајот „Ласкарци“

Апелациониот суд Скопје денеска и утре со почеток во 9 часот ќе одржи јавна седница за случајот „Ласкарци“ кој се однесува на автобуската несреќа што се случи во 2019 година во која загинаа 16 патници, а над 30 беа повредени. Во пресудата, што беше објавена лани во јануари, обвинетите беа прогласени за виновни и добија вкупно 39 години затвор. По пресудата, Основното јавно обвинителство Скопје поднесе жалба до Апелациониот суд Скопје.
На обвинетиот Дурмиш Белули, сопственик на компанијата „Дурмо турс“, му беше изречена казна затвор од четири години, на одговорниот за транспорт во фирмата, Ремзи Мифтари казна затвор од шест години, а на тројцата вработени во станицата за технички преглед, Игор Ѓорѓиевски, Горан Дуковски и Јане Боваровски, кои се товарат за соучество во истото дело, им изрече затворска казна од по пет години. Најголема казна затвор од 14 години доби возачот на автобусот, Маноил Трифуновски. Воедно, на обвинетите им беше изречена и забрана за вршење професија и должност во времетраење од пет години.