Мицкоски: Подготвен сум да го слушнам планот на Филипче, но не прифаќам „Стабри“ планови

Премиерот Мицкоски е подготвен да се сретне со лидерот на СДСМ, Венко Филипче, за да го слушне предлогот што првиот социјалдемократ кажа дека сака најпрвин да го сподели со премиерот. Сепак, како што додаде Мицкоски, ако планот има ‘Стабри’ пристап (фантом фирма за која ВМРО-ДПМНЕ тврдеше дека била планирана од Заев и Филипче за книжење провизии од кинеските вакцини), тогаш нема да може да ја прифати.
„Јас реков, доколку има план, како што најавија, подготвен сум да го примам на средба претседателот на СДСМ, да го образложи планот…јас сум сериозен човек, тоа е сериозно прашање. Најмалку што треба да се прави е естрада на јавна сцена. Доколку навистина има план и желба да помогне, стојам на располагање во секое време. Ќе го прераспределам мојот распоред…на полноќ, после полноќ…кога ќе каже, тогаш. Да го сослушам и да видиме дали нешто од тој план може да се реши. Но, доколку планот опфаќа пристап ‘Стабри’, како што беше во минатото, за време на короната, јас такви планови не можам да прифатам“, рече Мицкоски.
Претходно денеска, лидерот на СДСМ, преку прес конференција го повика премиерот Христијан Мицкоски најпрвин на тет-а-тет средба, после која би се договорила и лидерска средба.