Таравари потврди дека има уште една жртва од пожарот во Кочани, започната е процедурата за негово враќање

Министерот за здравство Арбен Таравари потврди дека има уште една жртва од трагедијата во Кочани. Според првичните информации, се работи за Александар Карадакоски, управителот на дискотеката „Пулс“.
Овој пациент беше еден од четворицата пациенти кои беа во критична состојба.
– Од 1 април му откажа работата на бубрезите, практично беше ставен на дијализа. За жал, утрово ја добив лошата информација дека тој починал. Да се надеваме на другите критични да им се подобри состојбата. Пациентот што почина, 40 отсто од телото му беше со изгореници. На крајот, главниот проблем беше инфекцијата која што ја добил поради огромната површина на рани кои ги имаше на телото. Да се надеваме дека другите критични ќе поминат подобро и да ни се вратат во државата, рече Таравари.
Извори од МНР за МИА информираат дека е започната процедурата за враќање на телото на пациентот.
Ова е 60-тата жртва од пожарот во дискотеката во Кочани што се случи рано изутрина на 16 март.
Повеќе информации се најавени на прес-конференцијата во 13:30 часот во Министерството за здравство.