„Марш за ангелите“ во Кочани, на точно пет минути по 12 часот

Болка, плач и лелек за правда побараа денеска родителите и роднините на загинатите во пожарот во дискотеката „Пулс“ преку мирен протестен марш во Кочани. Под мотото „Марш за ангелите“ точно пет минути по 12 часот како симбол за задоцнетата институционална реакција, семејствата на починатите облечени во црно, од паркот на револуцијата во Кочани се упатија на марш, кој беше проследен со молк и многу солзи.
Мирниот црн марш го продолжија кон Трговскиот центар, а оттаму и кон зградата на општина Кочани, полициската станица и на крај пред основниот суд и обвинителството. Присутните роднини носеа и фотографии од своите најмили кои кобната ноќ го загубија животот во дискотеката Пулс. Без да изустат речиси ниту еден збор, пораките до институциите ги испратија преку повеќе транспаренти на кои пишуваше „Коруптивниот систем ги уби нашите деца“, „Марш за 59-те ангели“, но и „Ова не е несреќа, ова е убиство“. Од друга страна, истрагата за овој случај веќе е во тек, осомничени се 34 физички и три правни лица, кои со серија на пропусти во изминатите повеќе од 10 години придонеле да се случи стравичниот пожар. Сите осомничени се товарат за предизвикување тешки дела против општата безбедност за што се предвидени затворски казни од 3 до 20 години, додека едно лице пак се терети за кривично дело примање на поткуп.
Станува збор за вработен во Министерството за економија кој во замена за пари овозможил дискотеката да работи со фалсификувана лиценца. Досегашната истрага опфаќа седуммина полициски службеници и началници од Кочани и Штип, а меѓу приведените е и поранешниот министер за економија Крешник Бектеши, екс директорот на пазарниот инспекторат Горан Трајковски, градоначалникот во оставка на Кочани Љупчо Папазов, но и неговите претходници Ратко Димитров и Николчо Илиев. Зад решетки завршија и поранешниот директор на Дирекцијата за заштита и спасување Беким Максути, како и поранешниот државен секретар во Министерството за економија, Размена Чекиќ.
Обвинителскиот тим кој работи на случајот е проширен на 11 истражители кои се очекува да извршат распит со над 300 сведоци. Инаку вчера почина и 60-тата жртва во пожарот, откако здравствените власти објавија дека Александар Карадаковски, кој се лекуваше во Литванија, им подлегнал на повредите. Карадаковски беше управител во дискотеката Пулс, каде истовремено работел и како шанкер, а токму тој беше и еден од 34-те лица опфатени во истрагата за причините за пожарот.
Михајло Донев