Ревизија на ДЗР: Дури 67 отсто од градинките работат со преоптоварени капацитети

Пополнетиот капацитет за згрижување на деца од предучилишна возраст го надминува расположливиот капацитет, така што 67 отсто од градинките во мај лани работеле со преоптоварени капацитети, покажуваат резултатите од извршената ревизија за успешност што ја спроведе Државниот завод за ревизија (ДЗР).
Во периодот од 2020 до 2024 година се изградени седум детски градинки за кои се исплатени средства во вкупна вредност од 263,89 милиони денари или 4,3 милиони евра, од различни извори, а до периодот на известување од ревизијата не се пуштени во употреба поради необезбедени согласности од Министерството за финансии за вработување на потребниот кадар и не создадени услови за издавање на решение за вршење на дејноста.
– Ефектите од извршените инвестиции со буџетски средства за период од 2020 до јуни 2024 година покажуваат дека од 11 детски градинки опфатени со инвестиции за проширување на 1.057 места, во употреба се само три детски градинки со 158 места, што претставува 15 отсто пополнетост во однос на проектираниот капацитет. Утврдивме дека 84 отсто од вложените средства во детските градинки, односно 212,687 милиони денари или 3,5 милиони евра, во изминатиот 4-годишен период не резултирале со исполнување на нивната функција – згрижување и воспитание на деца, бидејќи градбите се во тек, односно не се завршени подолг временски период, но и поради постоење на изградени објекти кои по две години не се пуштени во употреба, се нагласува во ревизијата.