
Меѓуресорското тело за координација на активностите против корупцијата ја одржа првата седница на која меѓународните дипломати упатија критики за неспроведување на досегашните стратегии и ниската ефикасност на правосудниот систем. Поголем буџет и ресурси, независно од политичките влијанија и избори засновани на заслуги, се некои од нивните очекувања.
„Потребен ни е поголем напредок за да го зајакнеме владеењето на правото и да воспоставиме нови правни основи како што е новиот Кривичен законик. Сето ова е важно. Гледам охрабрувачки сигнали поврзани со активностите околу истражните постапки, апсењата и судските одлуки. Исто така, важно е одземање и на нелегалниот имот, но важно е судството, истражните органи и полицијата да ги преземат своите надлежности и правосудните органи да бидат соодветно финансирани. Очекуваме Судскиот совет да има независен мандат. Забележавме дека неодамнешните интерпелации не даваат законски основи за разрешување на членовите на Судскиот совет, а независноста на советот е важна за функционирање на судството“, рече Михалис Рокас, Амбасадор на ЕУ.
„Бавното решавање на судските предмети ја намалува довербата, а зајакнувањето на судските тела бара реформи, активности и пред сè активна политичка волја. Без неа, неефикасноста го поткопува напредокот. Ова меѓуинституционално тело има и можност и одговорност да оди напред со вистински реформи кои ќе ја зголемат одговорноста, отчетноста и транспарентноста и ефикасноста на судските органи“, рече Никол Варнс, заменик-амбасадор на САД.
„Реализирани се 18% од активностите планирани за 2024 година и тоа е грижа за нас. Зајакнувањето на институционалните капацитети, партнерството, релевантните чинители и поголемиот надзор во работата на Собранието ќе помогне да се подобрат овие резултати. Подготвени сме да помогнеме во следната антикорупциска стратегија за периодот 2026-2030 година“, рече Килијан Вал, Амбасадор на ОБСЕ .
Премиерот Христијан Мицкоски ја критикуваше работата на судството и истражителите.
Тој рече дека ова тело ќе обезбеди транспарентност на институциите и правдата, така што никој нема да биде недопирлив.
Со меѓуинституционалното тело раководи вицепремиерот Арбен Фетаи.
„Минатата година беа спроведени само 18% од антикорупциските мерки. Тоа е целосно неприфатливо. Непосредните мерки што ги презедовме како држава, како институции по трагедијата во Кочани, каде што сите одговорни беа неселективно изведени пред органите на редот, е нај јасниот сигнал дека повеќе нема да толерираме статус кво“, рече Арбен Фетаи, вицепремиер.
Ова тело се состои од Антикорупциска, Министерство за внатрешни работи, Обвинителство, Финансиска полиција, УЈП, Дирекција за царина, Министерство за финансии и правда и др. Слични стратегии претходно се покажаа како целосно неуспешни./Алсат.мк
Линда Ебиби