Само парична казна за судијата Пајазити

Кога судскиот совет одлучува за одговорност на судија најпрво се гласа за негово разрешување и истиот со осум гласа за може да биде разрешен, но тоа не беше случај со судијата Пајазит Пајазити, кој неосновано го пушти во домашен притвор поранешниот војник на ОВК Блерим Рамадани, кој пак подоцна побегна од државата. Наместо разрешување на судијата, судски се реши парично да го казни – Пајазити во наредните шест месеци ќе зема 30 отсто помала плата, но и натаму ќе биде судија. Од Коалициајта сите за правично судење кои ја мониторираат работата на советот, велат дека е важно какви казни пропишува советот, но и дека е многу поважно каков ефект пропишаната казна ќе има врз санкционираниот судија.
„Не е толку во тоа каква казна ќе биде изречена односно најчесто прашањето е колку е ефективна казната и колку навистина делува врз работата на судиите. Така што, важно е судскиот совет освен репресивно да делува и превентивно во делот на ефикасноста на судиите и судството пред се во нивното работење, како граѓаните на крајот би можеле да бидат задоволни од постапката што трае. Така што, многу е важен делот како судскиот совет ќе ги води постапката и на крајот дали ќе изрече правилна и правична одлука односно мерка доколку постои за одреден судија“, рече Ивана Петковска, Коалиција сите за правично судење.
На 22 јули минатата година, судијата ПајазитПајазити, иако ги имал сите факти кои укажувале дека поранешниот војник на ОВК може да избега, му одредил куќен наместо ефективен притвор, а Рамадани подоцна се даде во бегство во Косово. И покрај тоа што токму судскиот совет ги констатираше сите овие прекршоци на Пајазити, девет месеци подоцна, тој е само парично казнет. Пајазити има и други дискутабилни пресуди, како онаа кога како судија на претходна постапка не одреди притвор за групата лица кои упаднаа во М-НАВ предводени од Беким Незири.
Михајло Донев