Продолжи судењето на Мерко за аудито

До крајот на месец јуни ке има пресуда за предметот во кој обинет е струшкиот градоначалник Рамиз Мерко за спорната набавка на луксузното Ауди А6 од 67.000 евра и уште три други автомобили со вкупна вредност од 114.000 евра во време кога Општина Струга била со блокирана жиро сметка, најави денес судијата Јордан Јованов. Тој рече дека досегашните изведени докази се доволни и оти останатите предложени ќе се одбијат.
„На денешното рочиште ги исцрпивме оние вербални докази кои Судот ги прифати. Материјалните докази исто така се изведоа и сега останува да се види целокупната документација и да се даде можност на одбраната и на обвиненијата да ги спремаат своите завршни зборови и на наредното рочиште веќе да се заврши. Тоа значи дека во месец јуни, а ние се договоривме дека тогаш обвинетиот ќе ја дава одбраната, а ако им е потребен краток рок за завршни зборови една недела можеби би се надала, но во тек на месец јуни ќе има завршница“, вели Јованов.
Судењето денес продолжи со исказ на сведоци на одбраната, меѓу кои и на Ерхана Баута, внука на Рамиз Мерко, која е вработена во Општина Струга и која во време на набавката на возилата била заменик претседател на Комисијата за јавни набавки во општината. Таа рече дека со оглед дека општината останала без возила, била спроведена јавна набавка на нови возила за што била донесена одлука и на Советот на Општина Струга, и оти целата постапка била транспарентна и направена согласно закон.
„Тврдам дека беше избрана најповолната понуда и беа набавени 4 возила, три патнички возила, марка шкода и едно ауди“, изјави Ерхана Баута-сведок на одбраната и вработена во Општина Струга.
На прашањето на јавниот обвинител, врз основа на кои критериуми утврдиле дека треба да се набават овие возила, особено возилото Ауди А6, претседателот на комисијата за јавни набавки, Алија Ајдиноски рече:
„Не се сеќавам точно, бидејки на критериумите работат службите во општината, а годишниот план и обезбедените средства поминаа и на седница на Совет“, рече Ајдиноски.
Во 2019 година Дражвниот завод за ревизија направи ревизија на работењето на Општината за 2018 година, кога беше изврешна и набавката на возилата. Лиљана Стојанова од Државниот завод за ревизија во својство на сведок рече дека треба да се има во предвид делот од извештајот, каде се зборува за блокадата на сметката на општината и кои надлежности не треба да се преземаат во таков случај. Извештајот бил испратен до Републичкото јавно обвинителство,општинските судови, а им служел и во Државната комисија за спречување на корупција.
„Во ноември 2017 година на барање на општина Струга претседателот на Основниот суд Струга го зголемил месечниот лимит неопходен за функционирање на општината на 50.425 000 денари, што на годишно ниво износот бил поголем од Буџетот на Општината. Со ваквото законско решение се овозможува Општината непречено да функционира, да презема нови обврски, при што се зголемува долгот по основ на камати, а со тоа се придонесува за зголемување на финансиската нестабилност на Општината“, се наведува во извештајот на Државниот завод за ревизија.
Адвокатот на Мерко , Игор Петковски, рече дека продолжува да се потврдува тезата на одбраната дека во конкретниот случај не постои ниту еден доказ, кој упатувал на било каква неправилност при набавката на аудито од страна на Општина Струга. Денес продолжи и судењето за поставувањето на спорната табла на влезот на зградата на Општина Струга, со која се величи фашизмот со изведување на вербални докази и ако тече според планот, и за тој предмет набргу би имало пресуда. На едно од претходните рочишта, како сведок се појави и заменик министерот за правда, Ален Деребан. Во моментот против Мерко активни се 9 судски предмети, а одземена му е и патната исправа, како претпазливост поради опасност од бегство.
Мики Трајковски