Судијата не можел да изрече повисока казна за возачот кој усмрти пешак на пешачки во Тетово, велат од Судски совет

Судијата Ељведин Ферати во повтореното судење не можел да му изрече повисока казна затвор на возачот Менсур Пајазити кој на пешачки премин ја усмрти 22-годишната Теодора Ристовска од Тетово, за што му беше изречена двегодишна затворска казна, стои во извештајот на судскиот советот, откако тричлена комисија го разгледа предметот. Во првото судење за овој случај Пајазити доби затворска казна од три години и шест месеци, но по жалба на обвинетиот предметот беше вратен на повторно судење.
Судски совет:
Со одлука на Врховен, пресудата на судот во Тетово и пресудата на Апелациониот суд Гостивар се укинуваат и предметот се враќа на повторно судење. Предметот добива нов број и во работа го добива друг судија. Согласно член 428 од ЗКП, ако е изјавена жалба само во корит на обвинетиот пресудата не смее да се измени на негова штета во однос на правната оцена на делото и на кривичната санкција.
И Здружението на судии при тетовскиот суд застана во одбрана на судијата Ферати. Оттаму преку писмено соопштение информираат дека во повторената постапка обвинетиот бил осуден со максимална казна затвор.
„Ценејќи ги сите околности, судијата, во повторената постапка, обвинетиот го осудил со максималната дозволена казна затвор, имајќи ја во предвид забраната за менување на полошо (Reformatio in peius) како начело предвидено во ЗКП, во ситуација кога по барање на обвинетиот Врховниот суд ги укинал пресудите и предметот го вратил на првостепениот суд на повторно одлучување и поради оваа забрана новата пресудата не смее да се измени на штета на обвинетиот ниту во однос на правната квалификација на делото, ниту во однос на кривичната санкција“, велат од Подружницата на здружение на судии – Тетово.
Токму против судијата Ферати пак основното јавно обвинителство Скопје минатиот месец затвори истрага откако државниот инспекторат утврдил дека тој самиот си ги поправал оценките на Тетовскиот универзитет. По ова следуваа бурни реакции во јавноста, а се огласи и премиерот Мицкоски кој јавно рече дека е разочаран од пресудата и побара судскиот совет веднаш да ја разгледа истата. На денешниот протест на организацијата Кој е Следен, ќе се бара правда и за случајот со Ристовска.
Михајло Донев