
Кина уште еднаш им возврати на САД и ги зголеми царините за увоз на американски стоки на 125%. Ова доаѓа откако Доналд Трамп вчера појасни дека царините за Кина не изнесуваат 125%, туку 145%. Кинеските царини за САД досега беа 84 отсто.
Пекинг кажа дека новите царини стапуваат во сила утре и дека нема да има нивно натамошно зголемување ако Трамп повторно одговори.
„Ненормално високите царини наметнати од САД сериозно ги нарушуваат меѓународните трговски правила, основните економски закони и здравиот разум и претставуваат еднострано малтретирање и изнуда“, соопшти кинеската влада.
Портпаролот на кинеското министерство за трговија изјави дека американското наддавање со царини почна да се претвора во шега.
„Давачките што ги наметнуваат САД станаа игри на бројки без практично значење во економијата. Ако Америка одговори со уште повисоки царини, тоа само ќе ја потврди нејзината насилничка страна“, кажа портпаролот.