СДСМ: Истрагата за Кочани е фарса под команда на ВМРО-ДПМНЕ и Тошковски

Истрагата за најголемата трагедија во историјата на Македонија, која требаше и мораше да донесе правда, се претвори во фарса, реагираат денеска од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ), а во врска со трагедијата во Кочани во која загинаа 61 лице, а околу 200 беа повредени.
Според СДСМ, и по проширувањето на истрагата јасно, како што велат, дека не се бара никаква одговорност од оние што кобната ноќ беа на функција во МВР, но и други институции кои морале и имале должност да го превенираат настанот.
„Вечерта на трагедијата, постоеле дежурни началници во ОВР Кочани, СВР Штип и БЈБ. Тие имале директна надлежност. Имало полицајци на лице место – виделе сè: малолетници, пиротехника, хаос и премолчеле, не презеле ништо иако знаеле и за настанот и за тоа што се случувало таму. Трагедија е што денес никој од нив не е ни осомничен за настанот. Ова е селективна правда на ВМРО-ДПМНЕ во која Тошковски ги штити своите и оние кои тој ги поставил на функциите“, се вели во писмената реакција од СДСМ.
Оттаму посочуваат оти дозволата за пиротехника, што е директна причина за пожарот, паѓа под МВР и сметаат дека пропустите на системот и превенцијата се целосно кај министерството и актуелното раководство од кое нема ниту еден осомничен.
Од СДСМ прашуваат зошто никој од актуелните полициски раководители не е предмет на истрага и зошто се гонат функционери кои тогаш воопшто не биле надлежни, а не оние што таа вечер требало да спасуваат животи.