Георгиев: Уставните измени само прв, но не и единствен услов за земјава

Бугарскиот министер за надворешни работи Георг Георгиев изјави дека впишувањето на Бугарите во Уставот е прв, но не и единствен услов за почеток на преговорите на земјава за членство во ЕУ и оти тоа не е билатералност туку спроведување на европскиот консензус.
-Многу е важно да се знае дека промената на Уставот и впишувањето на Бугарите како државотворен народ не е единствен услов. Односно, не е добро да се испушта во целиот тој разговор, со евентуална цел – за која се надевам дека не е така, ако впишувањето се случи и се исполни условот за уставни измени согласно европскиот консензус, некој да рече: „ете ви кажавме дека Бугарите немаат предвид само едно нешто“, изјави Георгиев за емисијата „Брисел 1“.
Тој оцени дека освен уставните измени, европски консензус има и спроведување на Договорот за добрососедство во Бугарија и протоколите кои произлегуваат до него, како и Акциски план за заштита на правата на припадниците на малцинствата.
-Сето тоа треба да биде факт, во спротивно нема да има исполнување на европскиот конесуз, нема да има исполнување на заклучоците на Советот, а доколку тоа не е факт нема да може да се пристапи кон отворање на првиот Кластер, каде што се човековите права, изјави Георгиев.
Шефот на бугарската дипломатија оцени дека уставните измени само ќе го отворат патот за европската интеграција, а тука треба да се исполнат и другите услови кои и ги поставила ЕУ, додавајќи дека тоа не е никаква билатералност или отворено меѓудржавно прашање.
Георгиев исто така истакна оти не сфаќа зошто македонските политичари молчат пред своите граѓани и уставните измени ги претставуваат како единствено, а не како прво барање во процесот.
-Затоа постојано добронамерно им велам на колегите, навистина не сакам да дозволам да се мисли дека тоа се прави тенденциозно и со некаква задна намера. Спротивно на тоа има многу јасно црно на бело напишани услови преку кои процесот се движи, изјави Георгиев.