ДКСК: Да се ограничи дискрециската моќ на министерот за внатрешни работи во однос на унапредувањата во МВР

Покрај утврдениот максимален рок, да се дефинира и најкраток рок за пријавување на интерниот оглас за унапредување во МВР, да се иницираат измени на Законот за внатрешни работи за прецизно да се утврдат фазите и стандардите за унапредување, да се ограничи дискрециската моќ на министерот за уредување на постапката преку подзаконски акти и да се воведе поголема транспарентност при мерит системот и кариерниот развој на службените лица, препорачува Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК).
Како што беше истакнато на денешната седница, ДКСК утврди значајни регулаторни ризици од корупција и судир на интереси при анализата на одредбите од член 14 од Правилникот за начинот на спроведување селекција при распоредување и унапредување и за начинот на остварување на системот на кариера на работниците во Министерството за внатрешни работи.