Народниот правобранител апелира поскоро да се донесе Законот за правична застапеност
Народниот правобранител апелира поскоро да се донесе Законот за правична застапеност

До Народниот правобранител пристигнале информации дека речиси во сите органи на државната администрација – почнувајќи од министерствата, дирекциите и разни заводи – се крши правото на припадниците на немнозинските заедници при вработувањата. Насер Зибери изјави дека одлуката на Уставниот суд за укинување на Балансерот создала правен вакуум, поради што ги повика Владата и Собранието што поскоро да го усвојат Законот за правична и соодветна застапеност.
„Нашите информации говорат дека веќе има отстапувања од оваа определба, каде не се почитува ова право, и затоа апелирам до Владата и до Парламентот што побрзо да се надмине оваа правна празнина, да се донесе толку најавуваниот закон за правична и соодветна застапеност и со тоа да се спречи процесот на изобличување на имплементацијата на уставната определба за застапеност. Информациите доаѓаат од речиси сите органи на државната администрација – министерства, дирекции и различни заводи“, рече Насер Зибери, Народен правобранител.
Во врска со најавите за оценка на уставноста на Законот за јазици, Зибери упати апел до Уставниот суд да се држи настрана од политиката.
„Мојот апел е Уставниот суд да не се занимава со политика, туку да ја штити уставноста, што значи, Уставниот суд треба да биде на висина на задачата која му го определува самиот Устав“, додаде Насер Зибери, Народен правобранител.
Народниот правобранител, при презентацијата на годишниот извештај, нагласи дека и покрај законските измени, проблемите со евидентирање во матичната книга сè уште се актуелни. Во овој контекст, Зибери истакна дека и во затворите има лица кои се „невидливи“ за државата. Тој додаде дека до канцеларијата на Народниот правобранител пристигнала претставка од затвореник во Идризово кој ја издржува казната, но не поседува лични документи односно нема ниту извод од матична книга на родени. Лицето е примено во затворот само врз основа на земање отисоци од прстите./Алсат.мк
Ајнур Бафќари