Од петок трговците ќе ги објавуваат цените на производите на веб-страниците, ДПИ ќе ги контролира

Доколку маркетите не се подготвени од петок редовно да ги објавуваат цените на производите на своите веб-страници Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) соодветно ќе постапува врз основа на надлежностите што ги има според Законот за потрошувачи, вели министерот за економија и труд Бесар Дурмиши.
„Досега кај нас не е стигната информација дека некој од трговците има проблем да го имплементира овој правилник, но доколку имаат тешкотии да го спроведат тука сме да седнеме да разговараме со нив“, рече Дурмиши на денешната прес-конференција.
Тој информираше за обврските што ги имаат трговците согласно Правилникот за начинот на објавување на цените на стоките и податоците, а кои од петок ќе мора да ги објават на нивните веб-страници.
Цените ќе треба да бидат објавени на јасен и достапен начин, преку посебен дел на веб-страницата на трговецот посветен на цените.
Објавените цени, како што рече Дурмиши, треба да бидат достапни без потреба од регистрација или дополнителна најава.
Во објавените цени треба да е наведен називот на производ, продажната цена со ДДВ, единечна цена по килограм, литар, метар, да има негов опис, достапноста во продажен објект и редовната цена со ДДВ.